Грижата на совест кај мајките е состојба која честопати се јавува дури и поради најобичните работи, како посветувањето време на себе.
Пред и самата да имам дете, ова беше нешто кое никогаш не очекував дека ќе го доживеам, но потоа се уверив дека тоа доаѓа во пакет со мајчинството.
Првото прашање кое треба секоја мајка да си го постави себеси кога и надоаѓаат такви мисли е: „Зошто си го правам ова на себе и што ме поттикна да размислувам вака?“.
Најчесто грижата на совест кај мајките настанува од споредување со други мајки или споредување на сопственото дете со друго дете. Тоа може да вклучува споредба на начинот на воспитување, развој на детето и можноста и способноста со која другата мајка жонглира со обврските, семејството и кариерата. Исто така честа причина за грижа на совест е и прекумерното оптеретување со тоа дека не му посветувате доволно време на Вашето дете поради работните обврски, или ако треба да се фокусирате на работа и треба некој друг да Ви го чува детето.
Нашето општество воопшто не посветува внимание на чувствата и менталното здравје на мајките после породувањето, најверојатно затоа што голем дел од повозрасните и постарите генерации не се воспитани на тој начин и забораваат дека мајката е всушност најважната личност во животот на детето. Тие честопати знаат да се наметнуваат со разни непобарани совети и заклучоци околу некое однесување на бебето или начинот на воспитување на детето. Ваквото однесување може да биде уште една причина за наметнување грижа на совест кај мајката, а со тоа и чувството дека мајката не е доволно добра мајка.
Како да си помогнете себеси ако некогаш се најдете во ваква ситуација?
Ако некогаш се најдете себеси во ситуација да чувствувате грижа на совест од било која причина, првото нешто што треба да го направите е да направите брза анализа на тоа што Ве прави Вам добра мајка на Вашето дете. Потсетете се на сите искрени прегратки и бакнежи кои Вашето дете ви ги дава, радоста која ја гледате во неговите очи кога ќе Ве види и колку е значајно времето кое му го посветувате и дека тоа е само ваше.
Направете анализа што ви предизвикува грижа на совест
Кога ќе направите анализа што Ви ја предизвикува грижата на совест, тогаш многу полесно ќе може да најдете начин истата да не Ви се повтори.
Пред околу две недели и јас самата се најдов во ситуација да чувствувам грижа на совест поради тоа што бев затрупана со работа и се чувствував како да не му посветувам доволно внимание на моето дете. Тоа секако не беше вистина, но поради тоа што првпат после долго време имав голем број на работни обврски, притисоците од истите направија да се чувствувам како да немам доволно време за сопственото дете и тоа мене ми создаде чувство на тага и немир.
Јас овој проблем најпрво го расчистив со себеси, а потоа поставив правила за носењето на работата дома и направив рутина и одлука да се исклучам од работа после 17 часот и да се посветам на семејството. Така го штитам сопственото ментално здравје, не си нанесувам грижа на совест и се подготвувам психички за новите предизивици на работа кои ќе ги решавам наредниот ден.
Мислам дека е здраво да се има рутина во секој поглед, па како што треба да има почеток на работниот ден, така треба да има и крај, за потоа да ги наполнеме батериите и да му посветиме внимание на семејството.
Најважно е Вие да откриете што е тоа што Ве прави Вам добра мајка на Вашите деца, така ставаме крај на грижата на совест предизвикана од нечии коментари или од несигурностите кои сами си ги наметнуваме.